29. И кога исполнија сè што е напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија во гроб.
30. Но Бог Го воскресна од мртвите.
31. И повеќе денови им се јавуваше на оние, кои со Него од Галилеја отидоа горе во Ерусалим, а кои се сега Негови сведоци пред народот.”
32. ”И ние ви го проповедаме Евангелието за ветувањето дадено на татковците, дека Бог го исполни на нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса,
33. како што е напишано во вториот псалм: ‘Ти си Мој Син, Јас Те родив денес.’
34. А дека Го воскресна од мртвите и дека веќе не се враќа во гниењето рече вака: ‘Вам ќе ви ги исполнам светите и верните зборови Давидови.’
35. Затоа и во друг псалм вели: ‘Нема да дозволиш Твојот Светец да види гниење.’
36. А Давид му послужи на своето поколение и според Божјата волја заспа и им се придружи на своите татковци и виде гниење.
37. А Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде гниење.
38. И така, мажи браќа, знајте дека преку Овој ви се навестува простување на гревовите;
39. и од сè од што не можевте да се оправдате преку Мојсеевиот Закон, преку Него се оправдува секој, кој верува.
40. И така, гледајте да не дојде на вас, што е речено во пророците:
41. ’Видете, вие кои презирате, чудете се и исчезнете! Зашто Јас правам дело - во вашите денови - дело во кое нема да поверувате, ако некој би ви раскажувал.’
42. А кога излегуваа, ги молеа да им ги проповедаат овие зборови и во идната сабота.
43. Кога собирот се разотиде, многу Јудејци и прозелити, кои Го почитуваа Бога, појдоа по Павла и Варнава. Тие им зборуваа и ги наговоруваа да останат во Божјата благодат.
44. А во идната сабота се собра скоро целиот град да го чуе Божјото слово.
45. А кога Јудејците видоа множество, се исполнија со завист и со хулење говореа против Павловите зборови.
46. Тогаш Павле и Варнава им рекоа одлучно: „Требаше најнапред вам да ви се проповеда Божјото Слово; но бидејќи вие го отфрлате од себе и не се сметате достојни за вечниот живот, еве, ние им се обраќаме на народите,
47. зашто Господ ни заповеда така: ‘Те поставив за светлина на народите, да им бидеш спасение до крајот на земјата.’