4. Во оние времиња - а и подоцна - на земјата беа Нефили, кога Божјите синови општеа со човечките ќерки, па тие им ги раѓаа оние деца. Тоа се оние, од стари времиња, по сила прочуени луѓе.
5. Господ виде колку е голема човековата расипаност на земјата и дека секоја мисла во неговата памет секогаш е само зло.
6. Господ воздивна и се натажи во Своето срце дека го создаде човекот на земјата.
7. Господ рече: „Ќе ги истребам луѓето што ги создадов од лицето на земјата - од човекот до ѕверот, ползачите и птиците во воздухот - зашто се покајав што ги создадов.”
8. Ама Ное најде благодат во Господовите очи.
9. Еве го Ноевото родословие: Ное беше праведен и непорочен човек во свое време. Ное одеше со Бога.
10. Три сина му се родија на Ное: Сим, Хам и Јафет.
11. Во Божјите очи земјата беше се расипала; земјата се наполни со насилства.
12. И кога Бог виде како се расипа земјата - та секое суштество на земјата се изопачило -
13. Бог му рече на Ное: „Одлучив да им биде крај на сите суштества, зашто земјата се наполни со насилства; и, еве, ќе ги уништам заедно со земјата.
14. Направи си брод од гоферово дрво; направи го бродот со соби и намачкај го со смола внатре и надвор.
15. А ќе го направиш вака: бродот нека биде триста лакти во должина, педесет во ширина, а триесет лакти во височина.
16. Направи му отвор за светлина на бродот, заврши го на лакт до врвот; направи врата на бродот отстрана; направи три ката во него: долни, среден и горен.