4. Тие му ги предадоа на Јакова сите туѓи идоли, што ги имаа, и наушниците што беа на нивните уши, и Јаков ги закопа под дабот во Сихем.
5. Кога тргнаа, страв од Бога ги опфати околните места, така што не тргнаа во потера по Јакововите синови.
6. Јаков стигна во Луз, односно Ветил, во Ханаанската Земја, и сите луѓе што беа со него.
7. Таму изгради жртвеник - и местото го нарече Ел-Ветил, зашто Бог му се јави таму, кога тој бегаше пред својот брат Исав.
8. Тогаш умре Ревекината доилка Девора, па ја погребаа под Ветил, под дабот, што оттогаш се вика „Тажен Даб.”
9. Бог му се јави пак на Јакова, кога стигна од Падан Арам, и го благослови.
10. Бог му рече: „Името ти е Јаков, но отсега нема да се викаш Јаков, туку твоето име ќе биде Израел.” Така го нарече Израел.
11. Тогаш Бог му рече: „Јас Сум Ел Шадај - Сèмоќен Бог! Биди плоден и размножувај се! Од тебе ќе произлезе народ, множество народи, и цареви ќе излезат од твоето крило.
12. Земјата што им ја дадов на Авраама и Исака, Јас ти ја предавам тебе; и на твоето потомство, по тебе, ќе му ја дадам оваа земја.”