3. Неговото срце се приврза кон Јакововата ќерка Дина, и тој се вљуби во девојката. Настојуваше да го придобие срцето на девојката.
4. Сихем му зборуваше и на татка си Емор: „Земи ми ја онаа девојка за жена!”
5. Јаков научи дека Сихем ја обесчести неговата ќерка Дина. Но бидејќи неговите синови беа со добитокот, во полето, Јаков молчеше додека не дојдоа тие.
6. А Сихемовиот татко, Емор, дојде при Јакова, за да се спогодат,
7. токму кога Јакововите синови се враќаа од полето. Кога научија, луѓето беа јадосани и многу лути. Во Израел беше срамно тоа што го стори Сихем, легнувајќи со Јакововата ќерка: така не смееше да се постапува.
8. Емор им рече: „Мојот син Сихем се вљуби со сета душа во вашата ќерка. Дајте му ја за жена!
9. Посватете се со нас: давајте ни ги своите ќерки, а земајте ги нашите ќерки за себе!
10. И можете да живеете среде нас; земјата е пред вас, за да се населите, да стопанисувате на неа и да придобивате имот!”
11. Сихем им рече на татка и и на нејзините браќа: „За да најдам милост во вашите очи, ќе ви дадам што ќе побарате.
12. Барајте од мене колку што сакате: сè што ќе запросите ќе ви дадам, само дајте ми ја девојката за жена.”
13. Јакововите синови им одговорија на Сихем и на неговиот татко Емор со лукавство, зашто ја обесчести сестра им Дина -
14. па им рекоа: „Не можеме да се согласиме да ја дадеме сестра си на човек, кој не е обрезан, зашто тоа би било срам за нас.
15. Единствено ќе ја дадеме, под услов, ако и вие станете како нас, ако ги обрежете сите свои машки.
16. Тогаш ќе можеме да ви ги даваме своите ќерки и да ги земаме вашите за себе, да се населиме при вас и да бидеме еден род (народ).
17. А ако не нè послушате нас, да се обрежете, ќе ја земеме нашата ќерка и ќе си одиме.”
18. На Емор и Сихем, Еморовиот син, им се допаднаа зборовите.
19. Момчето не се забави да го изврши барањето, зашто копнееше по Јакововата ќерка; а беше најпочитуван од сите во татковиот дом.
20. Емор и неговиот син Сихем дојдоа пред вратата на овој град и им зборуваа вака на своите сограѓани:
21. „Овие луѓе се мирни; нека се населат меѓу нас во земјава; нека се занимаваат на неа; ете, земјата е пространа пред нив; ќе можеме да ги земаме нивните ќерки за жени, а нашите да им ги даваме ним.
22. Но луѓето ќе се согласат да живеат меѓу нас и да бидат еден народ со нас, само ако сите наши машки бидат обрезани, како што се и тие обрезани.