14. Така, Давид испрати гласници и кај Исвостеј, Сауловиот син, со порака: „Врати ми ја мојата жена Михала што ја добив за сто филистејски обрезоци.”
15. Исвостеј испрати по неа и ја зеде од нејзиниот маж Фалтил, синот Лаисов.
16. А нејзиниот маж тргна со неа, и ја придружуваше плачејќи сè до Ваурим. Тогаш Авенир му рече: „Ајде, врати се сега дома!” И тој се врати.
17. Авенир веќе беше разговарал со Израелевите старешини и им рече: „Веќе одамна го сакате Давида за свој цар.
18. Направете го тоа сега, зашто Господ го рече за Давида ова: ‘Со раката на Својот слуга Давид ќе го избавам својот народ Израел од филистејските раце и од рацете на сите негови непријатели.’”
19. Така Авенир им зборуваше и на Венијаминовите синови, а тогаш отиде во Хеврон, за да му јави на Давида сè што им се допадна на Израел и на Венијаминовиот дом.
20. Кога Авенир дојде кај Давида во Хеврон, и со него дваесет луѓе, Давид им приреди гозба на Авенир и на луѓето кои беа со него.
21. Тогаш Авенир му рече на Давида: „Ајде! Јас ќе го соберам сиот Израел околу мојот господар царот: тие ќе склучат сојуз со тебе, и ти ќе царуваш над сите, над кои што сакаш.” Давид го отпушти Авенира, кој си отиде во мир.
22. И ете, токму Давидовите луѓе, со Јоав, се враќаа од четување, носејќи со себе богат плен, а Авенир веќе не беше кај Давида во Хеврон, зашто Давид го беше отпуштил, та тој си отиде во мир.
23. Кога стигнаа Јоав и сета војска што одеше со него, му соопштија на Јоав дека Авенир, синот Ниров, беше дошол кај царот и дека царот го отпуштил со мир.