2 Самоилова 14:21-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. Тогаш царот се сврте кон Јоава и му рече: „Добро, ќе го направам тоа. Оди и доведи го назад младиот човек Авесалом!”

22. А Јоав падна со лицето кон земјата, се поклони и го благослови на царот; потоа Јоав рече: „Денес гледа твојот слуга дека најде милост во твоите очи, господару цару, кога царот ја исполни молбата на својот слуга.”

23. Потоа Јоав се крена, отиде во Гесур и го доведе Авесалома назад во Ерусалим.

24. Ама царот рече: „Нека си оди во својата куќа, и лицето мое да не го погледне!” И Авесалом се повлече во својата куќа и не го виде царското лице.

25. Во сиот Израел немаше човек толку убав како Авесалома, кому би можеле да се искажат толку пофалби: од одот на ногата негова до врвот на главата негова, во него немаше недостаток.

26. А кога ја стрижеше косата - а ја стрижеше на крајот на секоја година, зашто му беше претешка па требаше да ја стриже - ја мереше својата коса: беше тешка две стотини шекели, според царската мерка.

27. На Авесалом му се родија три сина и една ќерка по име Тамара; беше мошне убава жена.

28. Авесалом помина две години во Ерусалим, и не го виде царското лице.

29. Тогаш Авесалом го повика Јоава кај себе за да го испрати кај царот, ама тој не сакаше да дојде кај него; и испрати повторно по него, ама тој пак не сакаше да дојде.

30. Тогаш Авесалом им нареди на слугите: „Гледајте, Јоавовото поле, е покрај моето, и таму има јачмен: отидете и запалете го!” И Авесаломовите слуги ја запалија онаа нива.

31. Тогаш Јоав се крена, дојде кај Авесалом во куќата и го праша: „Зошто твоите слуги ја запалија мојата нива?”

2 Самоилова 14