2 Летописи 9:20-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Сите садови од кои пиеше царот Соломон беа златни, и сите посатки во куќата наречена Ливанска Гора беа од чисто злато; среброто беше сметано безвредно во Соломоновото време.

21. Царевите бродови одеа од Тарсис со Хирамовите слуги; се враќаа секоја трета година и допловуваа тарсиските бродови донесувајќи злато и сребро, слонова коска, мајмуни и пауни.

22. Така царот Соломон ги надмина со богатство и со мудрост сите земни цареви.

23. Сите земни цареви имаа желба да го видат Соломона и да ја чујат мудроста што Бог му ја влеал во срцето.

24. Секој му донесуваше подарок, сребрени и златни посатки, облеки, оружје и мириси, коњи и мазги, од година во година.

25. Соломон имаше четири илјади коњски јасли и бојни коли, и дванаесет илјади коњаници, кои ги распореди по градовите на бојните коли и кај царот во Ерусалим.

26. Владееше над сите цареви од Реката до Филистејската Земја и до Египетската Меѓа.

27. Царот направи да има во Ерусалим сребро како камења, а кедрови дрва како диви смокви што растат во Јудејската Низина.

28. Соломон довезуваше коњи од Египет и од сите земји.

29. Другите Соломонови дела, од првите до последните, се запишани во книгата на пророкот Натан, во пророчкиот книжен свиток на Силомјанецот Ахиј и во пророчката беседа на гледачот Идо за Наватовиот син Јеровоам.

30. Соломон владееше во Ерусалим над сиот Израел четириесет години.

31. Потоа почина кај татковците, и го погребаа во градот на татка му Давида, а на неговото место се зацари син му Ровоам.

2 Летописи 9