3. Во првата година на првиот месец на своето царување ги отвори вратите на Господовиот Дом и ги поправи.
4. Тогаш ги повика свештениците и левитите и, откако ги собра на источниот плоштад,
5. рече: „Чујте ме левити! Посветете се сега и посветете го Домот на Господа, Бога на своите татковци, и отстранете ја нечистотата од Светилиштето.
6. Нашите татковци згрешија и правеа зло во очите на Господа, нашиот Бог. Го оставија и го одвратија лицето од Господовиот Шатор, свртувајќи му го грбот.
7. Ги затворија тремските врати и ги изгаснаа светилките; не кадеа со темјан ниту принесуваа паленици во Светилиштето на Израелевиот Бог.
8. Затоа Господ се расрди на Јудејците и на Ерусалимците, та дозволи да бидат измачувани и да бидат за ужас и за потсмев, како што гледате со своите очи.
9. И нашите татковци, ете, паднаа од меч, а синовите, ќерките и жените затоа ни се во ропство.
10. И така, сега смислив во своето срце да склучам Завет со Господа, со Израелевиот Бог за да се одврати од нас Неговиот јаростен гнев.
11. Деца мои, не бидувајте сега мрзливи, зашто Господ ве избра за да стоите пред Него, за да му служите и за да му бидете слуги и за да му кадите.”
12. Тогаш станаа левитите: Амасеевиот син Мат и Азаревиот син Јоил од Катовите синови; од Мораровите синови Авдиевиот син Кис и Јалелеиловиот син Азариј; од Гирсоновците Зиминиот син Јоах и Јоаховиот син Еден;
13. од Елисафановите синови: Симриј и Јеил од Асафовите синови: Захариј и Матаниј;
14. од Амоновите синови Јеил и Симеј; од Једутуновите синови: Семај и Озик.
15. Тие ги собраа браќата, се посветија и дојдоа, како што заповеда царот според Господовите зборови за да го очистат Господовиот Дом.
16. Свештениците влегоа во Господовиот Дом за да го очистат. Почнаа сета нечистота што ја најдоа во Господовиот Храм, да ја изнесуваат во дворот на Господовиот Дом; а левитите ја примаа изнесувајќи ја надвор до потокот Кедрон.
17. Почнаа да посветуваат во првиот ден на првиот месец, а во осмиот ден од истиот месец влегоа во Господовиот трем; го осветуваа Господвиот Дом осум дена; завршија во шеснаесетиот ден на првиот месец.
18. Тогаш влегоа кај царот Езекија и рекоа: „Го исчистивме сиот Господов Дом: жртвеникот за паленици со сиот негов прибор, столот за принесените лебови со сиот негов прибор,
19. а сите посатки кои ги зафрли царот Ахаз додека царуваше и грешеше, пак ги обновивме и осветивме; ене ги пред Господовиот жртвеник.”
20. Тогаш царот Езекија стана рано, ги собра градските кнезови и отиде во Господовиот Дом.
21. Доведоа седум млади јунци, седум овни, седум јагниња, седум јарци за грев, за царството и за Светилиштето и за Јуда; тој им заповеда на Ароновите синови свештеници да ги принесат за паленица на Господовиот жртвеник.