9. Свештеникот Јодај им ги даде на стотниците копјата, штитовите и оклопите на цар Давид што беа во Божјиот Дом.
10. Го постави сиот народ, секого со копје во раката, од јужната до северната страна на Домот, спроти жртвеникот и спроти Домот околу царот наоколу.
11. Тогаш го изведоа царевиот син, му ставија венец на главата, му дадоа Сведоштво и го помазаа за цар. Тогаш Јодај и неговите синови извикаа: „Да живее царот!”
12. Кога Готолија ја чу викотницата на народот, кој се собрал и го фалел царот, дојде кај народот во Господовиот Дом.
13. Погледна подобро, кога ете, царот стои на своето место при влезот, а пред царот заповедници и свирачи; сиот народ воскликнува од радост и труби во труби, певците пеат покрај свирките и ги предводат пеењата. Тогаш Готолија ја раскина облеката и извика: „Предавство, предавство!”