2 Летописи 18:4-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. Јосафат уште му рече на израелскиот цар: „Де, посоветувај се пред тоа со Господа!”

5. Тогаш израелскиот цар ги собра пророците, нив четири стотини, и ги праша: „Дали да завојуваме против Галадскиот Рамот или да се откажеме од тоа?” Тие одговорија: „Оди, зашто Бог ќе му го предаде во рацете на царот.”

6. Но Јосафат праша: „Има ли тука уште некој Господов пророк да го прашаме и него?”

7. Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би можеле да Го прашаме Господа, но го мразам, зашто не ми пророкува добро, туку секогаш само зло, тоа е Михеј, синот Емлин.” Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!”

8. Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Бргу доведи го Емлиниот син Михеј!”

9. Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки, на гумното пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив.

10. Ханановиот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ вели вака: ‘Со нив ќе ги бодеш Арамејците додека не ги сотреш.’”

11. Така пророкуваа и сите други пророци велејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, ќе успееш: Господ ќе го предаде во рацете на царот.”

2 Летописи 18