7. И кога Авдиј беше на пат, ете му го во пресрет Илија; откако го позна, падна ничкум и рече: „Ти ли си тоа, господару Илија!”
8. Тој му одговори: „Јас сум! Оди и речи му на својот господар: ‘Еве го Илија!’
9. Авдиј му одговори: „Што сум згрешил, та го предаваш својот слуга во рацете на Ахава, за да ме убие?
10. Живиот ми Господ, твојот Бог, нема народ ни царство каде мојот господар не испраќаше да те бараат. И кога му рекоа: ‘Го нема!’ ги заколнуваше царството и народот дека не те најдоа.
11. А сега ми наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘
12. Ама кога јас ќе си отидам од тебе, Господовиот Дух ќе те однесе не знам каде, а јас ќе дојдам и ќе го известам Ахава. Па кога не ќе те најде, ќе ме убие! А твојот слуга се бои од Господа од својата младост!
13. Зар не му е познато на мојот господар што направив кога Језавела ги погуби Господовите пророци? Скрив сто пророци, по педесет во една пештера, и ги хранев со леб и вода.
14. И сега ти наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘ Па тој ќе ме убие!”
15. Илија му одговори: „Живиот ми Господ над Воинствата, Кому Му служам, ќе му се покажам уште денес.”
16. Авдиј тргна во пресрет на Ахава и му ја донесе веста, а Ахав тргна во пресрет на Илија.
17. Кога Ахав го здогледа Илија, му рече: „Ти ли си оној што го упропастуваш Израел?”
18. Илија одговори: „Јас не го упропастувам Израел, туку ти и твојот дом, зашто Го оставивте Господа, а ти си следбеник на Ваала.