1 Цареви 12:4-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. ”Твојот татко ни наметна тежок јарем. Сега ти олесни ни ја тешката служба на својот татко, тешкиот јарем што го стави на нас, па ќе ти служиме!”

5. А тој им одговори: „Дојдете пак кај мене по три дни.” И народот си отиде.

6. Тогаш царот Ровоам се посоветува со старците кои што му служеа на неговиот татко Соломон додека беше жив, и ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ?”

7. Тие му одговорија: „Ако денес ги задоволиш тие луѓе, ако им бидеш благонаклонет и ако им одговориш со убави зборови, тие секогаш ќе ти останат слуги.”

8. Ама тој го отфрли советот што му го дадоа старците, и се посоветува со младите кои пораснаа со него и кои му беа во служба.

9. Ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ кој ми рече: ‘Олесни ни го јаремот што ни го наметна твојот татко?’”

10. Младите луѓе, кои пораснаа со него, му одговорија: „На народот кој ти рече: ‘Твојот татко ни наметна јарем, а ти олесни ни го’, одговори му вака: ‘Мојот мал прст е подебел од бедрата на татка ми!

11. Ете, мојот татко ви наметна тежок јарем, а јас уште ќе го стежнам вашиот јарем; мојот татко ве шибаше со бичеви, а јас ќе ве шибам со бичеви со железни штипалки.’”

12. А на третиот ден дојде сиот народ кај Ровоама, како што им беше заповедал царот, велејки им: „Вратете се кај мене на третиот ден.”

13. Царот им одговори остро, отфрлајќи го советот што му го дадоа постарите.

14. И им рече: „Мојот татко ви го стежна вашиот јарем, а јас ќе додадам уште врз него; мојот татко ве шибаше со бичеви, а јас ќе ве шибам со бичеви со железни штипалки.”

1 Цареви 12