1 Цареви 1:32-40 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

32. А Давид рече: „Повикајте ми ги свештеникот Садок, пророкот Натан, и Венаја, синот Јодаев.” И Тие дојдоа цред царот,

33. а тој им рече: „Земете ги со вас слугите на својот господар, качете го мојот син Соломон на мојата мазга и одведете го до Гион.

34. Таму свештеникот Садок и пророкот Натан нека го помажат за цар над Израел. Тогаш затрубете и објавете: ‘Да живее цар Соломон!’

35. Потоа искачете се со него ваму, и нека влезе и нека седне на мојот престол, и нека царува место мене, зашто моја волја е: тој нека биде глава над Израел и над Јуда.”

36. Венаја, синот Јодаев, му рече на царот: „Амин - така нека биде! Тоа е и слово на Господа, Господарот на царевите!

37. Како што Господ беше со мојот господар цар, така нека биде и со Соломон! Нека го возвиши неговиот престол уште повеќе отколку престолот на цар Давид, на мојот господар!”

38. Свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Венаја, Херетејците и Фелетејците слегоа и го ставија Соломона на царевата мазга, и го одведоа во Гион.

39. Свештеникот Садок донесе од Шаторот рог со масло и го помаза Соломона. Тогаш екнаа трубите, и сиот народ извика: „Да живее цар Соломон!”

40. И сиот народ тргна по него горе, и народот свиреше во свирки и воскликнуваше, така што се тресеше сета земја.

1 Цареви 1