1. Кога Давид со своите луѓе стигна на третиот ден во Сиклаг, а тоа Амаликците беа нападнале на Негев и на Сиклаг; го ограбија Сиклаг и го спалија со оган.
2. Ги заробија жените и сите кои што беа таму, мало и големо. Не убија никого, туку само одведоа робови и си отидоа по својот пат.
3. И така, кога Давид со своите луѓе дојде во градот, видоа дека градот е изгорен, а нивните жени, нивните синови и нивните ќерки одведени во ропство.
4. Тогаш Давид и луѓето, кои беа со него, го кренаа гласот и плачеа додека не им ја снема силата за плачење.
5. И двете Давидови жени беа одведени во ропство, Езраелката Ахиноама и Авигеја, Наваловата жена од Кармил.
6. Давид се најде во голема неволја, зашто луѓето почнаа да зборуваат дека ќе го каменуваат, бидејќи сите беа огорчени, секој заради своите синови и заради своите ќерки. Но Давид се охрабри во Господа, својот Бог.
7. Давид му рече на свештеникот Авијатар, Ахимелеховиот син: „Донеси ми го ваму наплеќникот (Ефодот)!” И Авијатар му го донесе на Давида наплеќникот.
8. Тогаш Давид го праша Господа за совет, велејќи: „Дали да тргнам во потера по оние разбојници и дали ќе ги стигнам?” А Тој му одговори: „Оди во потера, зашто навистина ќе ги стигнеш и ќе ги избавиш плениците.”
9. И Давид тргна со шест стотини луѓе, кои беа со него, и дојдоа до потокот Восор.