22. Сите одбрани вратари на праговите беа двеста и дванаесет. Беа запишани во родословниците на своите села. На служба ги поставија Давид и гледачот Самоил заради нивната верност.
23. Тие и нивните синови чуваа стража при вратите на Господовиот Дом, Домот на Шаторот.
24. Вратарите стоеја на четири страни: на исток, на запад, на север и на југ.
25. Нивните браќа од по селата доаѓаа одвреме навреме за да им се придружат по седум денови.
26. Само четири вратарски настојници беа постојано во служба. Беа левити, поставени над собите и над ризниците на Божјиот Дом.
27. Ноќеваа околу Божјиот Дом, зашто должноста им беше да стражарат и да отклучуваат секое утро.
28. Некои од нив беа одговорни за богослужбените посатки. Ги пребројуваа кога ги внесуваа и кога ги изнесуваа.