1 Коринќаните 14:25-38 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

25. тајните на неговото срце се откриваат. И откако ќе падне на своето лице, ќе Го прослави Бога и ќе исповеда дека Бог е навистина меѓу вас.

26. Што тогаш, браќа? Кога се собирате, секој од вас има псалм, има поука, има откровение, има јазик, има толкување. Сè нека биде за надградување!

27. Ако некој зборува на јазик; нека зборуваат по двајца, или најмногу по тројца, и тоа по ред, а еден нека толкува!

28. Ако нема толкувач, нека молчи во црквата; и нека си зборува сам на себе и на Бога!

29. Пророците пак нека зборуваат двајца или тројца, а другите да расудуваат.

30. Ако некому, од седнатите, му дојде откровение, првиот нека замолчи!

31. Зашто сите можете да пророкувате, еден по еден, за да се поучуваат сите и за да се охрабруваат сите.

32. И пророчките духови им се покоруваат на пророците,

33. зашто Бог не е Бог на безредие, туку на мирот, како што е во сите цркви на светите.

34. Жените да молчат во црквите; зашто ним не им е дозволено да зборуваат, туку да се покоруваат, како што вели Законот.

35. Ако сакаат да научат нешто, нека ги прашаат своите мажи дома, зашто е срамно жената да зборува во црква.

36. Или од вас ли излезе Божјото слово! Или само до вас стигна?

37. Ако некој мисли дека е пророк или духовен, нека разбере дека ова, што ви го пишувам, е Господова заповед!

38. А кој не сака да го препознае ова, нека не биде препознаен!

1 Коринќаните 14